“Поетите и поетесите не треба да се плашат од смртта, ниту да се надеваат на бесмртност” – Елена Пренџова, Мини прирачник за поезија

25550132_1531535323567276_3122516794220635944_n

Вчера, на 26.12.2017 година, пред преполната сала на Кинотека на Македонија, Елена Пренџова ја промовира својата нова книга на есеи за поезија наречена “Мини прирачник за поезија”.

Промотор на книгата беше проф. д-р. Иван Џепароски, а модераторка Христина Ѓорѓиевска.

Промоција беше пријатно изненадување, пред и се затоа што траеше нормално и кратко, без предолги промоторски говори, со интересна реч на Иван Џепароски, како и многу краток говор на аторката Елена Пренџова.

Гостите на настанот,  ја искористија приликата да направат убава фотографија со Пренџова и пријатно да се подружат во фоајето непосредно, како вистинско освежување пред Нова година, да ги возобноват и зацврстат пријателства , како и да создадат нови.

Се на се, прекрасна и пријатна вечер. Како што ја замисли Елена вечерта на нејзиниот фејсбук настан, отидовме, се подруживме, поразговаравме и конечно си набавивме по еден убав примерок од книгата, која ќе ја читаме за празниците, можеби и на некое подолго патување дури тркалата се движат по автопатот.

Во прилог Ви даваме краток извадок од “Мини прирачник за поезија”:

“Поетите и поетесите не треба да се плашат од смртта, ниту да се надеваат на бесмртност. Иако ставот кон животот и смртта е индивидуален и интимен, и исто толку различен, сепак, кога станува збор за уметноста, сметам дека е потребно да се избалансира златната средина. Ако се плашиме од смртта, ќе го поминеме животот во нејзино непожелно исчекување. Ако се стремиме кон бесмртност, неизбежниот удар на смртта ќе го поднесеме многу поболно отколку што навистина боли. Ако се плашиме од
смртта, ќе живееме како кукавици. Ако се стремиме кон бесмртност, ќе живееме како лажни, самопрогласени богови. А и во двата случаја нема да бидеме поети! Ниту Шекспир сам за себе не си посакал бесмртност, туку во своите сонети, без лажни надевања, ја предвидел бесмртноста на своите дела. Оти, впрочем, авторот умира со/во своето дело, многу порано од својата биолошка смрт и многу пати, со секое наредно читање на делото. Dulce et decorum est pro arte poetica mori!” – Елена Пренџова

“Кусата книга посветена на убавините на поезијата и на тоа како овие убавини да бидат најсоодветно протолкувани и доближени и до авторите и до читателите е суштествената вредност на книгата на Елена Пренџова под наслов: Мини прирачник за поезија. Во неа се одбегнува доцирањето и педагошката нагледност, та затоа авторката со знаење, искрено и целосно посветено навлегува во светот на поезијата за која не се пишуваат поговори или епилози (поговор = επι-λογος) за поезијата – налик на „Епилозите за поезијата“ на феноменологот Еуген Финк – туку се пишуваат, многу повеќе, „пролози за поезијата“ (пред-говор = πρό-λογος), предговори или воведи во она што, подоцна, секој на свој начин и секој низ сопственото искуство треба да го осознае и примени при читањето и пишувањето поезија.

Кусите (мини) есеи за поезијата тргнуваат од првичната согледба за односите помеѓу авторот, делото и публиката, тоа „свето тројство“ на книжевноста и на уметноста – како што мнозина теоретичари во минатиот век определуваа, а и денес определуваат. Затоа и за Елена Пренџова „делото, писателите и писателките и читателите и читателките се светото тројство и нив не можеме да ги подредиме во пирамида, можеме само да ги седнеме на тркалезна маса и да им дадеме збор за да им го чуеме гласот“. – проф. д-р. Иван Џепароски за „Мини прирачникот за поезија“

о.д.