Пионерски проект “Превенција и рана дијагностика на Алцхајмерова болест/деменција во Република Македонија”Здружението за Алцхајмерова болест -Македонија, Здружението Јустиција и Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија потпишаа Меморандум за соработка

Alzheimers_brain

На ден 19.12.2017 година, надлежните органи на  Здружението за Алцхајмерова болест -Македонија, Здружението Јустиција и Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија,

тргнувајќи од потребата за поуспешна превенција, рано откривање и остварување на заштитата на лицата кои заболуваат од Алцхајмерова болест/деменција склучија Меморандум за партнерство и соработка на проектот под работен наслов „Превенција и рана дијагностика на Алцхајмерова болест/деменција во Република Македонија “, за да ја озваничат и интензивираат соработката која на овој проект беше иницирана и започна на одбележувањето на Светскиот ден на здравјето – 07. Април 2017 година, на тема „Ментално здравје и депресија/деменција“.

Трите здруженија се членки на Мрежата Инклузива М (за социјална инклузија на старите лицата од трето доба во Република Македонија)од 2016 година и остваруваат континуирана актвност и соработка со други сродни здруженија и организации во Република Македонија.

Според најновите извештаи на Светската здравствена организација, Алцхајмеровата болест (деменција) претставува се поголем глобален здравствен, медицински, социјален и легислативно-правен проблем во целиот свет. Оваа деменција е една од водечките болести во светот со околу 27 милиони заболени луѓе, а до 2050 година се предвидува дека тој број ќе се зголеми до 50 милиони заболени од оваа засега фатално заболување на мозочното ткиво.

Според најновите истражувања, ризикот за тоа кој ќе заболи од Алцхајмеровата болест/деменција може да се предвиди уште пред 10-20 години пред клиничката манифестација на болеста.

Здружението за Алцхајмерова болест – Македонија и неговиот претседател,д-р Драган Илиевски, како идеен творец, го покренаа овој проект и ги повикаа на соработка Здружението Јустиција и Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија, како иницијатори и носители на оваа пионерска активност во Република Македонија, се согласија взаемно за потребата да го покренат процесот на превенција и рана детекција на Алцхајмеровата деменција во Република Македонија и со тоа да придонесат за намалување на бројката на заболени и за забавување на процесот на болеста со одложување на компликациите и последиците.