Тажен е денот на човековите права (по повод 10-ти декември)

IMG_0533

преземено од civilmedia.mk

Пишува Џабир Дерала

“Јас имам една шема на исхрана. На пример, по овие лебариве, ако кифлата е 20 денари денеска, утре е 10 денара, а третиот ден е како кал, ама е пет денара. Значи, три такви кифли ќе си купиш, за 15 денари, ќе го поминеш денот.“ Вака еден велешанец им одговори на моите колешки Биљана и Арбана што за него е социјална правда во 2015 година.

23795768_1474959892622475_7416953428431979802_n (2)

Жена од едно охридско село пред некој ден ми раскажа дека ѝ ја укинале социјалната помош пред цели две години. Нема пензија, бидејќи нема стаж. Тежок дијабетичар е, пред некое време ѝ се појавила гангрена на едната нога. Има тешки болки и одвај се движи. Нејзината ќерка боледувала од својата петта година во животот. Починала на возраст од 27 години пред повеќе од десет години, но чувствува како тоа да било вчера. Ѝ се умира, но животот не сака да ја напушти. Живее со неизмерна тага по ќерка си и со тешки болки во ногата. „Дете мое мајкино, Господ здравје да ти даде“ – ми рече на крајот и ми се заблагодари. За што?! Затоа што слушав? И затоа што се чувствував немоќно и огорчено?

Ова е само уште една сторија во океанот од тешки човечки судбини кои ги предизвикале животот или администрацијата и системот. Ако системот не ги предизвикал маките на луѓето, тогаш сигурно останал бездушен, како да е студена машина, а не составен од живи луѓе со душа и разум.

На Меѓународниот ден на човековите права само се потсетуваме дека тие важат 365 дена во годината. Фраза која звучи излитено, сме ја кажале или помислиле на 8 март за жените, на 9 мај за слободата, 20 ноември за децата, 3 декември за лицата со посебни способности, 3 мај за медиумите… И тука некаде завршува приказната…

Тажен е денот на човековите права. Да, го славиме и тоа со причина. Борбата со режимот беше и секогаш ќе остане борба за човековите права и слободи, за правда и еднаквост, борба што донесе многу брчки на нашите лица. Но, тажен е и затоа што тешките судбини на луѓето се неслушнати, а системот е преполн со прописи и постапки што не го штитат човекот, туку системот, а системот го штитат несовесни и корумпирани луѓе.

Тажен е денот на човековите права, затоа што тие чии усти се полни со човекови права, имаат џебови преполни со нашите пари, а душите им се полни со траги од нивните жртви (некој ќе рече дека ни душа немаат).

Тажен е денов поради сите злоупотреби и гракање за едни човекови права, додека под ѓонот на нивните чизми се безброј други права. И… Додека глумат големи борци за колективни права, ги газат човековите права на секој поединечно. Се разбира, сето тоа придружено со дебели банкарски сметки и кеш!


објавено во Плусинфо и Слободен печат (11/12/2017)

повеќе прочитајте на

https://civilmedia.mk/tazhn-dnot-na-tchovkovit-prava/