Тажна кумановска разгледница

thumbnail_23518965_10215086335140210_734286950288918058_n

превземено од civilmedia.mk

Градски плоштад, Куманово… Сограѓанинот Р.И. ми пријде и претпазливо, одоколу, ме распраша што правиме. Му кажав дека собираме случаи на кршење на човековите права и ги објавуваме, за да им го свртиме вниманието на институциите. Тогаш, ми раскажа за себе. Тежок живот. Ми го покажува евидентниот картон за пријавување во Заводот за вработување. Од тоа што го гледам, Р.И. чека вработување во Заводот од септември 1991 година. Практично, цел живот. Во меѓувреме подработувал сенешто, претежно како физички работник.

Но, животот поминат во сиромаштија, во тој момент не му е најголемиот проблем на Р. Меѓуопштинскиот центар за социјална работа му „пресудил“ во 2015 година – укинување на социјалната помош и барање да ја врати дотогаш примената социјална помош. Нема од каде. Моли за помош и разбирање од институциите. „Живот за сите, ама за мене нема“ – ми вели Р. Нема што да јаде. Носи алишта што му ги подариле хумани луѓе, како што вели. Не сака да проси, ниту да краде. Ќе биде пресреќен ако најде било каква работа.

Подзастана еден човек со триколка, наполнета со различни отпадоци, меѓу кои и една вреќа со пластични шишиња. „Ми ја укинаа социјалната помош, заради оваа пластика“ – покажа со коравата, измачена рака, на вреќата со шишиња – „А како да издржувам фамилија со 2.000 денари?! Нема помош, братче!“ И замина, туркајќи ја триколката.

Една повозрасна сограѓанка застана и побара пари. „Имам рак, син ми е тешко болен!“ – вели – „Немам за лекови, немам здравствено, помагајте…“ Имам само картичка, ѝ одговорив и се обидов да започнам разговор. Се заврти и замина. Дојдоа уште неколкумина барајќи пари.

Застануваат и други луѓе. Раскажуваат делови од својот тежок живот, за неволјите што ги следат секој ден, за нивните деца на кои немаат што да им дадат за јадење… Застануваат по еден, двајца или повеќе. Некои се срамежливи, некои веднаш почнуваат да зборуваат – знаат за нас. За тие неколку часа разменив по некој збор со педесетина луѓе. Делевме њузлетер со наслов „Слободно општество“. Некои ни честитаат за неуморната работа. „Само така! Продолжете! Вие сте единствените…“ – велат и се оддалечуваат. Некои само ги земаат примероците, нишкајќи сомничаво со главите.

Еден човек застана да ни ја раскаже својата сторија за затворските денови во 2008 година. До денешен ден не знае зошто бил затворен. По неколку месеци само го пуштиле да си оди, без објаснување. Работел и како новинар, вели, додека ни ја покажува членската книшка од ЗНМ. Тврди дека некое време бил во истата ќелија со Зоран Заев. Восхитен е од него. Не му треба ништо. Не бара ништо. Тежок му е животот, но среќен е што падна режимот кој му зел здравјето.

повеќе прочитајте на

https://civilmedia.mk/tazhna-kumanovska-razgldniza/