Ги гледам новите курири и првоборците, вистински и лажни…

thumbnail_23518965_10215086335140210_734286950288918058_n

превземено од civilmedia.mk

Пишува Џабир Дерала

Ги гледам бескарактерните ѓубриња заштитени од украдените пари, адвокатите без образ и корумпираните судии. Го гледам, без изненадување, ефектот „сончоглед“, сите тие квази новинари и интелектуалци и медиумските газди чии раце се масни од крвта и солзите на жртвите на режимот. Ги гледам како ги токмат своите лакоми задници до новите политички и финансиски газди. Истите тие кои се ситеа и организираа снимање и агресивно емитување на спектакуларните апсења на Кежаровски, Рамковски, Бошкоски, Маџоски и колку сѐ не други.

Ги гледам и тие што молчеа. И тие што беа и останаа вулгарни, тапоглави рекетари. Гледам како сега им се полнат чекмеџињата со донации, спонзорства и пари од реклами. Како парадираат пред камерите и јавноста. Ги гледам старо-новите чувари на моќниците. Еднаш провладини, секогаш провладини медиуми во прегратка со бандитите кои ќаруваат пари и позиции на грбот на унесреќените.

Гледам, без изненадување, но не и без револт и презир.

Деновиве разговарав со една мајка на дете кое има сериозен здравствен проблем, чие здравје е дополнително загрозено по грешка на познат лекар. На сето секојдневно страдање и маки, родителите на ова дете – жртва на монструозниот здравствен систем на Груевски и Тодоров – паднале во немилост на адвокатите кои ги штитат гадовите кои им го загорчиле животот ним и на многумина други. За коментар на социјалните мрежи! Ѝ се заканиле со тужба. И се извини, иако не мораше. Се извини, бидејќи не се чувствува доволно заштитена од законот и од животот за сите. Иако не се согласувам, ја разбирам.

И гледам…

Гледам како растат новите „курири“ кои за сѐ знаат подобро и од премиерот Заев и од сите негови (бројни) советници за односи со јавноста и експерти за кампања. Ги гледам сите грди креатури кои во својот џеб имаат скапо платени адвокати и судии – оние што не можеме ни да помислиме да ги тужиме, затоа што ќе изгубиме (прочитај и: Мизерното судење на една Јованка). Ги гледам луѓето кои имаат тешки маки, погодени од грабливци и билмези, чии деца страдаат од нивните грешки, а уште повеќе од нивната ароганција. Пребогати се. Против нив нема шанси ни пристоен, критички коментар на Фејсбук да напишете, а да не се соочите со надобудната онлајн инквизиција. И со влечење низ развратниот судски систем.

Да. Ги гледам сончогледите, новите курири и првоборците, вистински и лажни. Први се чекираа на перонот на моќта. Го гледам ова проширено трло, трло за сите. Го гледам овој нов наплив на старите навики и стравот кој и понатаму го сеат тие што имаат пари, пријатели и старо-нови позиции во естаблишментот.

Гледам, без изненадување. Но, не и без револт и презир.

повеќе прочитајте на http://civilmedia.mk/gi-gldam-novit-kuriri-i-prvoborzit-vistinski-i-lazhni/