„Работа, колку да не е без ич… „- на 15.09.2017, Национална конференција на лицата кои живеат во сиромаштија и социјална исклученост

Работа, колку да не е без ич ...

Македонската платформа против сиромаштија информира дека на 15 септември 2017 година од 10.00 часот, во Даре Џамбаз – Дом на хуманитарни организации во Скопје, ќе ја организира по шести пат националната конференција на сиромашни и социјално исклучени лица.

Оваа година работата ја посветуваат на вработените, а сиромашни граѓани и затоа е избран насловот „Работа, колку да не е без ич …“.

Овие конференции се организираат со цел да овозможат да се слушне гласот на лицата кои живеат во сиромаштија или се социјално исклучени и им даваат можност своите проблеми и потреби лично да ги презентират пред владини и невладини преставници. Преку ваквиот начин на работа се промовира активно учество и вклучување на овие лица во демократска дебата која треба да даде решенија за поквалитетен живот на сите граѓани.

Секоја од претходните конференции има различна тема и резултира со донесување на Декларација на сиромашни и социјално исклучени лица, која се доставува до надлежните државни органи. Дополнително, искуствата од оваа конференција ќе бидат пренесени на годинешната Европска конференција на лицата кои живеат во сиромаштија и социјална исклученост, а која ќе се одржи во Брисел на 9 и10 ноември.

Фокусот на дискусијата ќе биде да се надмине и прошири традиционално прифатениот концепт дека сиромашни се само оние кои немаат работа и оние кои имаат ниски плати.

Ќе се разговара и за лицата кои работат, но не се пријавени (сива економија), несигурните вработување (со договори на краток рок, сезонски или хонорарен ангажман) и оние кои се единствените вработени во побројни семејства, како и за работничките права, но и безбедноста и сигурноста на работните места.

На Конференцијата се очекува да говорат  и да се отвори дискусија со претставници на Македонската платформа против сиромаштија Билјана Дуковска и Сашко Јованов, претстваници на вработени  сиромашни лица, Министерството за труд и социјална политика, Меѓународната организација за труд , Министерството за финансии и други.