Интервју со Трајче Кацаров -” Во нашава страдалница, под партиските јорганчиња се котат само празнини”

trajce-kacarov-550x300

” Блаже Конески рекол: Јазикот е нашата татковина. Кога ќе го изгубиме, ојде татковината. Ако ни е дојдено до тоа, тогаш нема за што да се грижиме. Големите , светките јазици се борат да имаат што поголема територија на владеење, измислуваат глобализација, ние гледаме да го изгубиме и просторот што би можеле да го споредиме со лифт за двајца.” – Трајче Кацаров

Будност.мк: Драг Трајче Кацаров (дозволете ни така да ви се обратиме) зошто сте пред и се човек близок до децата и народот, неодамна излезе од печат Вашата нова книга – поезија за деца „Енци-менци одделенци“ како и превод на пиеси на неколку јазици ( Шешири, Со вкус на овошен сладолед и други).Вие сте писател за деца и возрасни, но децата особено со многу љубов Ве пречекуваат на промоциите на секоја Ваша книга.

„Енци-менци одделенци“ е книга, збирка на поезија полна со хумор, во книгата главни јунаци се децата. Во неа се опишани најубавите моменти од детството ,ученичките денови во основно училиште, исполнети со смеа, кои го инспирирале авторот да ја напише оваа книга.
Правејќи кроки портрет на триесетте одделенки и одделенци и на неколкуте учители/ки, Кацаров, Вие свесно ја напуштате педагошката матрица, но не и условите, така што стиховите се забавни и комуникативни.Според српскиот писател за деца Душко Радовиќ, условите бараат: песната да биде кратка, да содржи необични нешта и да раскажува смешно. Песните во книгата „ЕНЦИ-МЕНЦИ ОДДЕЛЕНЦИ“ ги исполнуваат сите овие услови.

Во таа насока книгата Енци Менци ги здоволува условите, стандардите за задржување интерес една книга за деца, а сепак излегува надвор од шемите и границите на утврденото, тоа би требало и да биде дефиниција на секоја независна мисла?.

Тоа е мојата осма книга за деца. За некои од нив сум добивал и награди. За големиот српски поет Бранко Радиќевиќ времето проведено во ученичките клупи е најубавото. За мене тоа е најинспиративно. Јас застанав во петто одделение. Не знам кога ќе го завршам и дали ќе сакам да го завршам. Мислам дека во времето определено, од природата преде се, за трошење во сновното училиште, ни се случуваат сите работи кои во текот на животот потоа ни се повторуваат. Јас сум длабоко вкотвен во годините кои Бранко Ќопиќ ги нарекува „магарешки“. Тоа го покажувам преку моиоте творби и за деца и за возрасни.  Сакам моите „магарешки години“ да бидат тоа за сите што ќе ја прочитат „Енци-менци одделенци“.

Будност.мк: Нашето општество долго време е заробено во некои идеолошки матрици на вакви или онакви политички влијанија, одвнатре или однадвор. Дали интелектуалецот, уметникот, интелигенцијата треба да биде целосно независен/а во своите ставови и да излезе со свој став и мислење за одредени штетни појави и политики, на некој начин бестрашно и без последици, да биде светилник на иднината и идните генерации?

-Од ден на ден се повеќе и повеќе се согласувам со изјавата на една партиска лидерка, забелешката беше упатена кон мене. А содржината на истата е дека политиката ме направила „бело магаре“. Кога ми го кажа тоа мислев дека само ме навредува, сега гледам дека таа ја отсликува моменталната ситуација на секој Македонец. Турскиот писател и хуморист Азис Несин напишал расказ „Ах, какви магариња сме“, а Издавачката куќа „Детска радост“под тој наслов му објавува книга со раскази. Откако ги испрочитал сите мои бомби фрлени преку страниците на „Утрински весник“ книгата на Несин, по пошта ми ја испрати писателот за деца Киро Донев. Еве сега јавно му благодарам што перцепирајќи ги моите бомби, откри „Какви сме ние магариња“.

Будност.мк: Присутен е молк за клучни општествени прашања. Дали молкот е поради фактот што македонскиот писател, интелектуаец или уметник се наоѓа под партиските јоргани каде е доста удобно и без стресови, без оглед кој е на власт и страв од загуба на привилегии?

-Се сеќавам на она што Михалков го изјави по повод кастингот за неговиот филм     „Сибирскиот берберин“. Не сакам актери ѕвезди зашто тие секогаш на снимање  доаѓаат со јорганче. Колку им е долго толку ги пружаат нозете. Партиите токмат јорганчиња за секој Македонец. Писателите, интелектуалците не се исклучок. Никој од нив не ги пуштаат нозете надвор од јорганчињата зашто се плашат од неизвесноста, од тоа, каде ги пуштаат, кој ќе ги дочека. Живеат нашите писатели, интелектуалци во страв, а тој им нуди комоција. Ја губат можноста да играат во добар филм, ама барем се живи и можат да јадат, а со нив и нивните најмили. Ако според Сартр интелектуалци се само луѓе со висок морал, ајде со цврсти принципи, тогаш во нашава страдалница, под партиските јорганчиња се котат само празнини.

Будност.мк:Каде тука се наоѓа и македонизмот и македонскиот јазик и култура, како државотворен народ и јазик,  надвор од правата на малцинствата и како Вие гледате на тоа што се случува на македонската политичка сцена во насока на јазикот?

Блаже Конески рекол: Јазикот е нашата татковина. Кога ќе го изгубиме, ојде татковината. Ако ни е дојдено до тоа, тогаш нема за што да се грижиме. Големите , светките јазици се борат да имаат што поголема територија на владеење, измислуваат глобализација, ние гледаме да го изгубиме и просторот што би можеле да го споредиме со лифт за двајца. Наместо да се бориме за институција која ќе се грижи за правилната употреба на македонскиот јазик, ние ќе отвораме институции кои ќе казнуваат ако се служиме со него. Наместо да се грижиме за развојот на македонскиот јазик, да се трудиме, калта од под ноктите да ја даваме, за да се печат што повеќе книги на македонски јазик, ние ќе се испотепаме да му го ограничиме влијанието и на јазикот и на кириличното писмо. Господ да чува и да бране! Наместо да се грижиме за македонските писатели, за нивниот стандард за нивното општествено згрижување и признание, ние гледаме да ги оставиме без алатка потребна да го применуваат својот занает. Што би рекол проф. Марјановиќ,, Да се крсту с леву руку!“.

Будност.мк: Што мислите, како треба да се однесува еден лидер, па и политички, во турбулетни времиња?

Како Монарх зашто во монархијата најмногу е присутна демократијата.

Будност.мк: За крај, која е Вашата порака за читателите на будност.мк?

 Да бидат подготвени во секој случај, во секоја општествена ситуација да бидат Македонци, да зборуват на македонски јазик и да се служат со кириличното писмо, ако сакаат да имаат татковина!

Интервју водено од : Оливера Доцевска