РАКОМЕТАРКИТЕ НА КУМАНОВО БАРААТ РАМНОПРАВНОСТ ВО СПОРТОТ! -отворено писмо од Ракометарките на ЖРК Куманово

_20170309_004436

 

Меѓународниот ден на жената, Осми март е ден посветен на жените. Овој ден настанал како ден на борбата за економска, политичка и социјална рамноправност помеѓу жената и мажот. А за тоа била заслужна Клара Цеткин која се борела за правата на жената од 1889 год.

Но, кога е во прашање рамноправноста, не можеме да кажеме дека е така и во спортот. Ако во еден град постојат добро развиени  машки спортски дисциплини, а неадекватно женски, тогаш постои дискриминација.  Така е во повеќето спортови во нашиот град, но за среќа  не е случај кога е во прашање ракометот.  Женскиот ракомет во Куманово ПОСТОИ и е на ниво на најдобрите машки колективи од градот, а сигурно и на повисоко ниво од нив сметајки ги резултатите во помладите категории. Дискриминација е и кога се тврди дека резултатите на женскиот спорт се „слаби“ и не вредат во однос на машкиот што исто така не е случај кога е во прашање женскиот ракомет во Куманово. Резултатите на ЖРК Куманово никој не смее да ги оспорува зашто се јасно видливи и воочливи. Тогаш каде е нерамноправноста на женскиот и машкиот спорт во Куманово?

Неколку години наназад нашиот клуб, ЖРК Куманово  високо котира во домашната Супер лига,а на два пати изборивме право за настап во европскиот Челинџ куп и со право се надевавме дека локалната самоуправа поконкретно финансиски ќе го помогне нашиот клуб кој во најдобра смисла достојно го претставува нашиот град, а воедно и државата. Но, тоа не се случи. За нас ракометот е живот, топката е љубов, соиграчите пријатели, противниците „непријатели‘‘, публиката поддршка, тренерите учители, а судиите неретко ни ја одредуваат животната судбина. Но, во овој случај локалната самоуправа на нашиот град е таа која ни ја одредува судбината, а воедно и постоењето на нашиот клуб. Со оглед на тоа дека постигнуваме одлични резултати се прашуваме зошто финансиските средства не се подеднакво распределени и за женскиот спорт? Кога би ни дале одговор, МОЖЕБИ и ќе имаме некое оправдување?  А вака, со игнорирање на повиците и молбите од управата на клубот и од нас ракометарките во минатото, а и сега, не оставате да мислиме дека сме во 19 век и очекуваме да се појави уште една Клара Цеткин која ќе се избори за нашите права. Со оглед на тоа дека на машките спортски колективи редовно се доделуваат огромни финансиски средства без разлика во која лига се натпреваруваат и каков успех постигнуваат,  сметаме дека се работи за дискриминација на женскиот ракометен клуб во Куманово, а и воопшто на  женскиот спорт во целина.

Ние се стремиме да постигнеме што подобри резултати, како на домашна така и на меѓународна сцена. Поради тоа се надеваме дека во иднина локалната самоуправа нема да остане глува на нашите барања и очекуваме разултатите на ЖРК Куманово подеднакво да бидат вреднувани, а со тоа да биде поправедна распределба на финансиските средства одобрени од Советот на општината.

Во знак на протест ние ќе се солидаризираме со нашите колешки кои поради не земање на никакви хонорари веќе подолго време не тренираат и нема да го одиграме нашиот нареден  натпревар од 15 коло закажан за во петок на 10.03.2017 год. со екипата на ЖРК Вардар. Воедно им се извинуваме на нашите спонзори и нашата верна публика и се надеваме дека и тие ќе го подржат нашиот став.

 

Куманово 08.03.2017 год.

Со почит и спортски поздрав

Ракометарките на ЖРК Куманово

_20170308_194855