ЗОШТО ФИЛМОТ? – Елена Пренџова, кон филмот „Зошто тој?“ (Why Him?) од 2016 год.

overlay

530536_453737461347073_894983928_n

Елена Пренџова

Кон филмот „Зошто тој?“ (Why Him?) од 2016 год.

во режија на Џон Хамбург (John Hamburg), Синеплекс, Скопје

Љубителите/ките на комедиите и познавачите/ките на холивудската продукција ќе се израдуваат на комедијата „Зошто тој?“ (Why Him?) од 2016 год. во режија на Џон Хамбург (John Hamburg) и по сценарио на Џон Хамбург и Иан Хелфер (Ian Helfer). Секако, меѓу другото, ќе бидат поведени од фактот дека Хамбург стои потпишан (како режисер и/или сценарист) зад многу успешните комедии „Запознајте ги родителите“ (Meet the Parents) и продолженијата „Запознајте ги Фокерови“ (Meet the Fockers) и „Малите Фокерови“ (Little Fockers) и двата дела на „Зулендер“ (Zoolander и Zoolander 2). Според филмографијата на Хамбург лесно може да се заклучи дека станува збор за „мајстор“ на комедиите. Меѓутоа, од друга страна, неговиот опус на комедии со продолженија укажува и на фактот дека овој режисер и сценарист игра на сигурна карта и стои заглавен во веќе проверениот рецепт за „добра“ комедија – според холивудските критериуми. Затоа, неговиот најнов филм „Зошто тој?“ треба да му послужи како предупредување дека во бизнисот на продукцијата веќе проверениот рецепт не подразбира некреативност и станува бајат штом остане заглавен во ист, веќе изгустиран контекст. Така, кога станува збор за филмот „Зошто тој?“, всушност, станува збор за сите претходни филмови зашиени како пачворк во една целина и преименувани во еден заеднички наслов.

И навистина, филмот воопшто не заблеска. Напротив, беше големо разочарување, особено затоа што критериумите беа однапред поставени со претходните филмови лични на него. Филмот, ниту критиката ниту публиката не го поштеди. На светските филмски листи доби најслаби оцени и препораки за прескокнување во кино-салите. Следствено, Брус де Мара (Bruce DeMara) од „Д Стар“ (“The Star”) напиша дека „филмот премногу [но неуспешно] се труди да задоволи“; Тим Робеј (Tim Robey) од британскиот „Телеграф“ (“Telegraph”) ќе го „обвини“ Хамбург дека користи многу блед хумор кој се темели исклучиво на пцовки и ќе го рангира филмот како еден од неговите најлоши филмови; според Гај Лоџ (Guy Lodge) од „Тајм аут Њујок“ (“Time Out New York”) филмот е во целост клише; а Мик Ласал (Mick LaSalle) од „Сан Франциско Кроникал“ (“San Francisco Chronicle”) ќе истакне дека не само што филмот не е смешен, туку е и „анти-смешен“! Најстрог е Ричард Рупер (Richard Roeper) од „Чикаго сантајмс“ (“Chicago Suntimes”) според кој, наместо да се запрашаме „Зошто тој?“, треба да се запрашаме „Зошто да се измачуваме гледајќи го фимот?“. Лично, кон прашањево на Рупер, би го додала и прашањето „Зошто потребата да се направи филмов?“.

Очигледно е дека филмот „шкрипи“ уште на сценарио. Доналд Кларк (Donald Clarke) од „Ајриш тајмс“ (“Irish Times “) отворено прашува „Каде е сценариото?“, но и го покренува прашањето многу посериозно, префрлајќи го во поширок контекст: „Што се случува со сценаријата во амариканската комерцијална комедија?“. Неминовно се чувствува таа криза на холивудската комедија. Поминато е долго време откако беа внесени освежувања во американската комедија. Во последните години сме приморани да се забавуваме и смееме на веќе изгустирани клише финти, а „Зошто тој?“ е најдобар пример за тоа. Хуморот во него е толку елементарен, толку површен и некреативен што се сведува до толку низок степен што се вулгаризира. „Комичните“ реплики во филмот се сведуваат на дегутантни (дури и некреативни) пцости и клише-финти кои со прекумерната употреба веќе си ја „излижале“ забавната компонента на значењето, до степен што изискува смеа од што е глупаво, а не интересно!

Жално е што еден филм со жанровска определба – комедија, ја губи најсилната стилска одлика на жанрот. Ова само значи дека е неуспех во целост, дека потфрла како дело. Меѓутоа, лично не ми пречеше само некреативниот антихумор, исклешираниот контекст, изнасилената цитатност и инсистирањето на алузии на други поттексти, туку и злоупотребата и пејоративната игра со стереотипите. Всушност, филмот е толку слаб на сценарио, што главните конфликти кои, всушност, треба да се носечки и движечки како содржина, произлегуваат исклучиво од стереотипите кои самите по себе не претставуваат конфликт. На пример, филмот гравитира околу врската меѓу таткото на девојката и идниот зет, која, стереотипно, на почетокот (а некогаш и не само на почетокот) е остро затегната. Имено, филмот толку многу се концентрира на природата на таа врска, што ги занемарува останатите улоги, до степен сведувајќи ги на незаокружени ликови кои се чини се напишани само за да им бидат нив во функција, без да си ја најдат смислата и оправданоста за сопственото постоење. Понатаму, конфликтот помеѓу овие два лика во филмот не произлегува толку од бинарната опозиција татко на девојката–дечко на ќерката, колку од стереотипите за класите и генерацискиот јаз на кои припаѓаат: таткото на средната класа загледан во минатото, а момчето на „високото добро утро“ зјапнт во иднината. Старомодноста и традиционалноста на таткото, како и современоста, бунтовноста, младост-лудоста на момчето треба да послужат само како појдовни точки за низа природни конфликти кои никнуваат од нив, а не да бидат цели сами по себе. Концептуалната современа уметност, прекумерноста на тетоважите, модерните диети кои ја негираат кујната на мама и баба, ексцентричното живеење и заработката без традиционално работно место со фиксни работни часови не се и не треба да бидат конфликтен проблем. Конфликтни проблеми треба да претставуваат исходите што произлегуваат од тоа кога истите тие ќе се спротивстават со нивните бинарни дихотомии во општеството. Од овој аспект, филмот, не само што е лош како производ, туку е и опасен за гледање, затоа што потсвесно создава негативна слика и одбивност за сè што е ново, модерно, различно – накратко кажано, за модерниот живот кој неминовно станува наша неизбежна иднина. Компетентната публика може да извлече веќе познат заклучок дека живееме во време кое претставува општествен пресврт на еден поредок во друг и дека не треба сосила да инсистираме да ги намалиме и отфрлиме промените. Сепак, станува збор за неизбежни промени и за да ние лично живееме помирно и поквалитетно треба да се адаптираме на нив.

Што се однесува до актерската екипа, имињата кои ја сочинуваат не е непозната за Холивуд: Брајан Карнстон (Bryan Cranston) во улогата на таткото на ќерката има „тежок багаж“ од улоги зад себе, а и Џемс Франко (James Franco) во улогата на момчето исто така; Меган Мулали (Megan Mullally) во улогата на мајката на ќерката сите ја паметиме по комичната улога на Карен Вокер во серијата „Вил и Грејс“ (“Will & Grace“); Зои Доич (Zoey Deutch) во улогата на ќерката е тековно актуелна со учество во телевизиски серии и екранизирани филмови и Киган-Мајкл Кеј (Keegan-Michael Key) со опус на филмографија наобемна од сите останати. Сепак, ниту позната актерска екипа не успева да го извлече филмот од дното. Сценариото е толку потценувачко за нивните просечни холивудски квалитети (имено, и покрај тоа што сите актери и актерки што се дел од филмот играле во навистина многу филмови, ниту еден/а од нив нема остварено улога за паметење!), што ја деградира и нивата актерска игра и неанонимност. Брајан Винер (Brian Viner) од „Дејли мејл“ (“Daily Mail”) укажува дека „главните улоги се добри… но сценариото не вреди за никој/а од нив“. На оваа констатација ќе ја надоврзам и констатацијата на Бен Син (Ben Sin) од „Саут Чајна моринг поуст“ (“South China Morning Post”) дека женските улоги на мајката и ќерката се „кривично под-напишани“, односно толку им е необрнато внимание при пишувањето што тоа просто треба да се смета како криминал извршен на нив. Кристи Лемајр (Christy Lemire) од rogerebert.com ќе забележи и дека главната улога на девојката т.е. ќерката (која, иако главна искра на поводот за содржинските конфликти, не се појавува онолку често колку другите два машки лика засегнати околу неа) претставува повеќе „идеја и пион отколку нешто повеќе“.

Имајќи го сето ова на ум, „Зошто тој?“ е исклучително лош филм, некреативно досадна самопрогласена комедија која ја изгубила основната функција на жанрот. Содржински бледа, опасно стереотипна, „Зошто тој?“ воопшто не го оправдува своето постоење како филмско дело и е губење време за публиката, исто онолку колку и за тимот кој работел на него. Просто несфатливо ми е како може таква глупост да трае скоро два часа?! Ниту појавата на култниот хардрок бенд „Кис“ (Kiss), ниту продукцијата на „експертот“ за комедии во современ Холивуд – Бен Стилер (Ben Stiller) не фрла светла точка на филмот. Искрено се надевам дека ова ќе е последниот филм од серијата „копирај–пренеси“ комедии на денешен Холивуд!

Консултирани електронски единици

Clarke, Donald. Why Him? review: Good cast, shame about the comedy. http://www.irishtimes.com/culture/film/why-him-review-good-cast-shame-about-the-comedy-1.2911615. (пристапно на 25. јануари 2017)

DeMara, Bruce.Why Him? is a ribald comedy in overload: review. https://www.thestar.com/entertainment/movies/2016/12/22/why-him-is-a-ribald-comedy-in-overload-review.html. (пристапно на 25. јануари 2017)

LaSalle, Mick.‘Why Him?’ — why bother?. http://www.sfgate.com/movies/article/Why-Him-why-bother-10809203.php. (пристапно на 25. јануари 2017)

Lemire, Christy. Why Him?. http://www.rogerebert.com/reviews/why-him-2016. (пристапно на 25. јануари 2017)

Lodge, Guy. Bryan Cranston returns to a fuming-dad role, with clichéd results. https://www.timeout.com/us/film/why-him. (пристапно на 25. јануари 2017)

Robey, Tim. Why Him? review: James Franco meets the parents, but Bryan Cranston is no De Niro. http://www.telegraph.co.uk/films/0/review-james-franco-meets-parents-bryan-cranston-no-de-niro/ . (пристапно на 25. јануари 2017)

Roeper, Richard. Why bother? Stinkers don’t get much stinkier than ‘Why Him?’. http://chicago.suntimes.com/entertainment/why-bother-stinkers-dont-get-much-stinkier-than-why-him/. (пристапно на 25. јануари 2017)

Sin, Ben. Film review: Why Him? – James Franco, Bryan Cranston star in crass but hilarious comedy. http://www.scmp.com/culture/film-tv/article/2059239/film-review-why-him-james-franco-bryan-cranston-star-crass-hilarious. (пристапно на 25. јануари 2017)

Viner, Brian. Wake me up at the end! Not even box-office favourites Jennifer Lawrence and Chris Pratt can rescue the interstellar snoozathon Passengers. http://www.dailymail.co.uk/tvshowbiz/article-4060492/Wake-end-Not-box-office-favourites-Jennifer-Lawrence-Chris-Pratt-rescue-interstellar-snoozathon-Passengers.html. (пристапно на 25. јануари 2017)