Ако ( 3 ) – Трајче Кацаров

12512441_10153860265375295_2416392688016546625_n

 

Трајче Кацаров

Мојот пријател, или што би се рекло другар по перо, во еден мeѓусебен телефонски разговор на тема: кој сме, што сме и до каде ќе сме, ми рече: „Не сакам да разговараме на широко. Мене ме интересира како стоиме со писателската фела. Па на тебе, мое помладо по години другарче, ќе ти кажам:

Кај нас во нашата страдна Македонија, по куче да мавнеш, ќе погодиш писател“. Му реплицирав со широка насмевка.

Не знам колку можеше да ја насети по телефон формата и пораката на насмевката, но разговорот после тоа траеше сосем кратко. Само што ја спуштив телефонската слушалка, сфатив дека не бев сведок на не суштествена поговорка. Па насмевката набргу доби форма каква добива устата штом ќе вкуси сок од лимон. Така згужван во фацата почнав да си думам. Думав чунки ќе треба да издумам којзнае што. Почнав во умот да си ја вртам и превртувам уметноста, односно да се потсетувам на она што некогаш сум го прочитал и сфатил – уметноста е жива материја се отелотворува преку избрани луѓе:

Сликарството се отелотворува преку сликарите, кои поаѓајќи од некои културолошки потреби, или општествени норми, ги делиме на: Академски сликари и на аматери. Отелотворувачи на музиката се музичарите кои исто така ги делиме на: Академски музичари и музиканти. Исто е и со театарската уметност. Актерите преку кои суштествува сценската уметност, или се професионалци, или се аматери.

Само кај писателите е поинаку. Кај нас, не сакам да зборувам за други духовни средини, поради некомпетентност, некои мислат (за наша среќа ги нема многу) дека писател се станува по сопствено видување. Доволно е да ти се бендисува таквото звање и одма да си го закачиш на реверот од палтото како некогаш што се закачувале значките со ликовите на: Ленин, Маркс, Енгелс и Тито, кои пак прецизно говореле за идеолошката насоченост на носителите на значките.

Најмногу, не се повикувам на прецизни статистички податоци, таквата потреба се јавува кај пензионерите и кај младите кои тешко можат да се ослободат од емоционалните порази доживеани во средношколските години. Таквите штом ќе видат дека им е објавена песна, книга поезија стануваат не поети, туку писатели.

Не дај боже да имаат пријатели помеѓу оние што наградуваат, односно, не дај боже, да добијат некоја општинска, или маалска награда, тогаш не само што се мислат за етаблирани писатели, туку веднаш се вбројуваат меѓу легендите во книжевниот свет.

Биографијата преку ноќ си ја украсуваат со податоци за преведени книги на скоро сите јазици на светот.

Забораваат дека треба да читаат, а основа дејност им останува драскањето песни, раскасчиња, романчиња и обезбедувањето статус што во најмала рака ќе и’ обезбеди посакувана материјална синекура од државата.

Го пишувам ова инспириран од Прогласот на 56-темина писатели. Мислев дека писателите се имуни на дневнополитичките настани, ама се излажав.

Во прилог на текстот ја доставувам песната „Ако некогаш станеш писател“ од поемата

„АКО“.

Ако некогаш станеш писател

Тогаш и само тогаш

Ќе заборавиш дека постоиш

Писател, зарем и тоа е можно?

Ќе се прашаш.

А стравот оти и ти си

Поданик на црните слова

Ќе ти ја ежави кожата

Ќе те тера

Да си го заборавиш името

Ќе гукаш наместо да зборуваш

А потта од челото ќе те уверува:

Она што го сонуваш не го сонуваш

Она што го правиш не го правиш

Ако некогаш станеш писател

Тогаш и само тогаш ќе го слушаш

Она што не е кажано, а ќе го помниш

Само она што никогаш не се случило

Многумина ќе те читаат а ти

Не ќе можеш да изброиш ниту еден

Ќе живееш вечно а ќе се чувствуваш

Како вчера да си умрел