Ако (2)

12512441_10153860265375295_2416392688016546625_n

12512441_10153860265375295_2416392688016546625_n

Трајче Кацаров

Книгата за големиот француски интелектуалец и писател, драматичарот Бомарше (издадена во 1925 година), авторот Б. Поповиќ, ја започнува со мислата на Паскал:

„Последното што човекот ќе го најде кога ќе сака да пишува е почетокот.“

Кај мене, а и кај сите оние кои деновиве, во очекување на нова влада, сакаат преку пишаните медиуми да и се обратат на јавноста, почетокот им е во џебот, па не треба многу акање по него.

Едноставно сите почнуваат со Македонија, да не речам со дилемата што и ја разорува душата: „Ќе ја биде ли оваа нашава?“. Авторот на книгата за Бомарше, на едно место пишува: За Французите најстрашни биле две нешта: Да изгледаш смешен, и да бидеш досаден. Нека сум смешен и досаден, сепак на почетокот на ова писмено излагање ќе морам да го спомнам дедо Трајко. И еве зошто. Дедо Трајко беше роден во 1900-та година. Како малечок , можеби поттикнат од некоја лекција по историја, седнав покрај полуслепиот старец и го прашав:

– Дедо што си ти, Македонец, Бугарин, Србин, што си?

Еве како ми одговори:„ Во српско беше многу евтино, ќе ставиш пет банки в џеб и ќе купиш цел пазар. Во бугарско пак, беше мирно, немаше мавање, тепање…“

Денес кога ќе се сетам на дедовиот одговор на моето прашање, уплав добивам. Се плашам, немој и мене некогаш моите внуци да ме прашаат: Дедо што си ти, Македонец, Албанец, Србин, Бугарин, или Грк?… Не се плашам од прашањето на внуците, туку од мојот одговор кој би можел да гласи: „За време на СДСМ беше мирно, за време на ВМРО беше немирно, или обратно…“ Се плашам и јас како дедо Трајко да не ја заборавам Македонија, односно да не можам да се сетам на Македонците во неа.

Пред некој ден прочитав како некои од „Српската емиграција“ во Лондон, му се потсмевале на Црњански кој велел дека со „Романот за Лондон“, ќе им удри шлаканица на Англичаните, т.е. ќе проба да им го подрие системот… „Воопшто нема да го забележат твојот роман“- му велеле луѓето од емиграцијата. Можеби ќе се случи исто со мојата песна, но и покрај се‘, на писателите не им останува друго, освен да бидат непоправливи романтичари…

АКО

Ако некогаш станеш Македонец

Тогаш и само тогаш ќе сфатиш

Жив си дома, а домот твој

За живи пека

 

Патишта ќе гледаш

Од кои оџак не дими

И вековите на кои

Сите лоши им се живи

 

Ќе гледаш ѕвезди

На кои не им се гледа

И богови со веќе

Потрошени сили

 

Ако некогаш станеш Македонец

 

Само тогаш ќе сфатиш

Со гордоста ко со копје

На јанѕите светски

Очите треба да им ги вадиш