“Заборавениот троножец на кој сите треба да седнеме” – Митко Гогов

14625357_10154553024467790_701566902_n

14627973_10154553025932790_1029704695_n

“деновите во кои се судруваме, но како кадри од погрешни филмови се оттуѓуваме, се одминуваме” Митко Гогов

Mитко Гогов е роден 1983-та година во Скопје, Македонија. Пишува поезија, кратки раскази, есеистика и публицистика. Пишува и хаику, сенриу, ренга кои ги објавува повремено во микроблогосферата twitter. Неговото творештво досега е застапено и преведено во неколку антологии, стихозбирки и списанија за литература и уметност во Индија, Пакистан, Филипините, USA, Русија, Шпанија, Чешка, Германија, Мексико, Франција, Србија, Хрватска, Албанија, Бугарија… Актуелен со неговата стихозбирка Ледена вода издадена во Србија (2011) и во Македонија, во едицијата „Огнови“ на издавачката куќа Антолог (2014).

Младински работник и активист, концептуален уметник со неколку изложби, инсталации, перформанси, сценографии и мултимедијални проекти реализирани во Норвешка, Франција, Италија, Србија, Македонија, Бугарија … Претседател на здружението за развој на култура и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“, организатор на глобалната поетска манифестација „100 Илјади поети за промена“ во Македонија, уредник на strumicaonline.net и reper.net.mk.

Организира културни и арт-настани, соработува со младински, арт, филмски и театарски фестивали. Блогер, секогаш отворен за комуникација.

ИЗБОР ПОЕЗИЈА – МИТКО ГОГОВ

.брусни патеки
(затоа што нозете по други не знаат да одат)

те барам во сеното како игла,
како мразна полјана
на леден остров кој се топи
на која можам
да поставам поларна мечка
да се чувствува барем уште малку
безбедно.

те барам како одраз во огледалото кое ја
крие мојата старост
како скриен велосипед на таванот
за да ја игнорирам
мојата младост,
те барам како ножот на
соседот кој ни ги дупчеше топките,
како мрежата од кошот
и сакот со кој ловевме риба
по реката која се суши

те барам како конец од манила
откинат од фортуната
што одлета во недоглед
а ние спокојно го собиравме
за да можеме повторно да пуштиме
нова

те барам како тајната симпатија
во лудоста на моето детство,
како брусна хартија со која
ги гланцавме пивските капачиња
да лизгаат полесно по асфалтот
кога игравме
патеки

и ти знам дека изгубена на патеката
бараш нешто
и секогаш би се свртела
да го изговориш моето име
како аманет и заборевена сенка на претците
како доказ дека мојот луденс постои,
да докажеш дека не постои
прескокнат вир кој се обидел да ни наштети
и дека нема човек кој ја преплашил
нашата сегашност

нема неродено дете кое сакало да го скрши
нашето неврамено фамилијарно
О.гледало.

– секако ќе не следи седум години несреќа,
ако не и цел живот..

луѓе сме,
затоа и сме паднати
Овде.

 

.рециклирано тримесечје. звук на олеснување.

[деновите во кои се судруваме, но како кадри од погрешни филмови

се оттуѓуваме, се одминуваме]

 

ги фрламе времињата како да немаат значење.

оставаме на дождот секојдневно да ги мие

паушалните гревови,а ние продолжуваме

да си играме –ти прв почна!

 

овие ноќи се топлат во последните огништа.

пролетен паганизам и неопластичните нерви,

– стари дневници и мирис на непознати приказни.

 

под уличните борови се слуша шушкањето на ветрот,

како од ребрата на воздухот да посакаш да ја извадиш

коскената срж.

 

заинтересираноста ни е екслузивна.

вниманието – шокантно.

желбата да промениме нешто – дај побрзај!

 

ги фрламе надежите во лавиринтот на очајот,

а потоа квичиме како бели глувци кои заглавиле во јадот.

како најубави животни плачеме да ни го откорнат крзното,

иако чувствуваме како ни ја дерат кожата – милиметар по милиметар.

 

се будиме утредента со кафето кое не теши дека најдоле во шолјата

некој ни подметнал отров, за денот да ни биде пократок,

а онаму каде што ќе заминеме да не пречекаат со торта.

 

:инвестираме во погрешни воздишки;

сите сме „но“ во погрешен театар!

 

губиме од она што и така малку го имаме,

од она за кое немаме доволно мудрост

често да го купуваме.

 

:време, трпение, погледи, топлини и насмевки;

 

константни п(р)ојавности

рајски, вонземски сладости.

замка е обидотда затвориш врата

која никогаш претходно не си ја отворил.

 

сите ние ситни души, прашинки изгубени во космосот.

сонуваме за волшебните градини на големите градинари,

но никако да си ја ископаме сопствената бразда.

далеку сме од тоа да произведуваме храна,

а веќе на цвеќе мислиме.

 

пропуштаме автобуси и

дупло поскапо плаќаме такси,

забораваме телефони под седиштата,

дозволуваме некој да ни ги изеде соништата.

 

на крај добиваме телесна температура,

внатрешен херпес на душата

и некоја мравја дупка во слабоста

која,

повторно некогаш ќе ни ја загади радоста.
_____________________________________________________________________

Заборавениот троножец на кој сите треба да седнеме

горди на минатото
нестабилни во сегашноста
се тресеме на иднината

сечеме дрвја иако знаеме
дека фудбалскиот терен не се гради на рид во кој
головите не се гледаат

трчаме по угорница со камења во џебовите
вратите и прозорците повеќе не крцкаат,
но позади нив истите снобови како расипана зимница
не фрлаат, не нѐ мирисаат,

нѐ расфрлаат во депото како уништени,
невалидни докази.

нели вистински вредности?

сите с(м)е директори на канцеларијата за
изгубени здраворазумни ставови.

еден ден ќе ги соберам сите знамиња кои залудно се веат
и ќе ги ставам во машина за перење.
на сите им треба перење и тоа – заедно.
со ист прашок за перење и ист омекнувач.
оти тоа би требало да биде новата слобода!

лебдиме во животот како пластично ќесе на ветрот
во долгометражен нем филм. оние кои не препознаваат,
уште повеќе.

големите луѓе си одат, мали срценца доаѓаат
– освен оние најдени на брегот.

ќе станат ли и тие големи или јанѕата ќе ги изеде?

во раскошот на грубоста, глупоста, ништожноста,
секој си бара место за да си извика
сѐ она што му тежи на душичката.

сакаме да бидеме цреши, а црви сме, скриени во нив.

мандала сме од песок оставена на бура,
сѐ додека некој не престане да дише

– ќе продолжиме да се уништуваме.

 

:лоботомија на лелекот

 

.остави ги мачките под стреите

нека си говорат на бебешки

:бабини деветени (?!)

 

:остави ги очите на старците

нека во сенката на денот создаваат

минимализам.

 

:остави го детскиот плач

и чудните погледи кои сонце рефлектираат

нема радост без пуштена солза

 

– украдените топки дупнати ќе останат засекогаш.

 

животните чувства имаат,

но зборови немаат да ни кажат дека

пукнал тивок ЕКот.

 

.се давиме во УМивалникот на имагинацијата

..сонуваме

кадата не е када се додека во неа не падне

твојот електричен шепот.

 

а векот?!

 

векот поминува како пешак на црвено

длабоко заробен

 

затворен

 

исплашен како на срна ликот

со чекорот мирен и бавен

без да се радува,

милува,

без допир на трева да чувствува

со заборавен скокот во (по)гледот

 

со завртена земја и застанато оро

со душа (благо)родна,

а сепак пустелна

 

со пранга

тешка

што полека – полека

го руши

ѕвекот.

________________________________________________________________________
Заборавена реплика меѓу два погледа

и играме часовничар и време,

на непокорот со чекан над глава му дремеме,

но часовникот поголема гнаса и од нас и од сонцето вечно е

а јагленосаните зборови како човечката прав ги забораваме.

 

грди јазици и лоши

умови. се тегават до

пост на душата.

 

гласот во нас (никогаш) не згаснува,

како првут ангелски ил пеколен бензин во миг татнува,

прескокни ги малите молњи,

преви(т)кај ги ниските гори,

силата на вечноста, како мајката синот

го врзува и тешко,

тешко

го оттуѓува.

 

во покривот на нашите глави,

како полжави,

го криеме нашиот дом,

а не знаеме дека лигата на нашата душа

во сонот остава траги на неспокој.

 

во рацете чуваме ѕвезди,

но зошто кога ги фрламе

удираат како карпи небесни?

 

камењата знаат да ѕвонат,

но слухот наш отапен – треба да се пробуди!

 

и огнот и понорот

се вечни,

како ѝ душите наши мисловни, мили,

ко срча во зрнца, кога се крши нашето ѕвоно.

 

стакла сме продорни, а сепак

тегобни, оти душата памети,

а не знае да возврати.

 

ние сме птици кои решиле да си го изградат сопствениот кафез,

пееме за слободата која сами си ја креираме,

а најчесто просторот на дејствување

е помал од распонот на нашите крилја.

 

биди реката што сака да се пробие низ студенилото

и ледот високо во планината, задомен длабоко во зимата.

 

сите ние сакаме да ја видиме целината

сите сакаме да бидеме дел од нечија целина

сите сакаме на целината да се додадеме, наддадеме,

да ја зголемиме, да ја збогатиме

 

или

несвесно да ја осакатиме

 

оти несвесни сме дека сме исечоци,

една боичка од Рубик, која упорно ја бара соодветната

на другата страна на коцката,

а навидум движиме кружно,

се превртуваме низ глобусот, како украдено клопче волна

од стариот ковчег на баба ни.

 

ги оставаме нашите како

заборавена камбанарија во душата

иако сакаме мислата нивна да одекне,

а се слуша само крвта на нашите зборови

и по калдрмата само стапки од ангели кои

полека заминуваат безгласно, со

допирот кој се врежал во нас како лузна од детска игра

како мајчина рака поддадена со лажичка полна супа

како покажана таткова лекција

како се сеќе дрвото на две, а прстот да остане

неделнат.

 

делкаме, доделкуваме, но никако да ја изделкаме вистината

оти, ако ја изделкаме вистината и таа ќе не изделка нас

и ќе не закопа два метра под земја

иако не сме свариле доволно кафе,

иако не сме прескокнале доволно огнови

иако лажевме дека кога викаме вештерки духови доаѓаат,

а самовилите во нашите сенки партнери си бараат.

не, сенките како нас сакаат во стиховите да се скријат

и тивка војна со скриениот живот да бијат.

 

снег сакаме да бидеме, бел, чист и неизвалкан,

но снегот затворен во тегла не се чува, тој не мирува

како ни љубовта

заробена, осамена, непокажана, врамена.

 

љубов обесена сама во рамка, како гоблен

со жена која преди, а предивото веќе полека

завршува.

 

во пожар глобален умовите да ги вознесеме,

а душите магепсани да ги воскреснеме.

 

заборавена реплика меѓу два погледа

(затоа)

 

те молам остави ме,

остави го

моето бреме.

 

тоа не е она време во кое

почвата сама по себе,

сама од себе,

се преобраќаше,

превртуваше.

 

сите ние се обраќаме,

вртиме, превртуваме,

додека сме живи не се сеќаваме,

не забележуваме,

додека сме мртви

“не наслушнуваме

како други не озборуваат“

а,

веројатно нема(ме) ни болки во `рбетот.

 

остави го ѝ светот, мила!

 

и тој не е дел од тебе,

 

зарем не гледаш, наивно, низ твојот

здив на лудоста дека те одминуваат,

дека те прескокнуваат,

дека веќе не се ни поткашлуваат?

остави ги трамваите, мила,

во нив денес се помалку желби патуваат.

 

кон тебе,

во тебе,

до тебе,

нема веќе подадени раце,

нема повеќе кренати гласови

 

– се давиме во сопствените крикови,

 

се надеваме дека надежта како последно прибежиште

ќе ни ги плати долговите,

ќе ја изгасне светилката

и на крај

 

како сите нас,

ќе замине,

ќе замине

 

– по ѓаволите!