Бом-бом, бомби (31) – пишува Трајче Кацаров

12512441_10153860265375295_2416392688016546625_n

12512441_10153860265375295_2416392688016546625_n

Трајче Кацаров

Во почетокот на месец март во градот се раширила веста што во истото тоа време се ширела низ целата државичка. Станувало збор за убиството што се случило близу јужната граница на земјата. Поради климатските услови што го чинеле судирот на континенталната и медитеранската клима, во градот близу јужната граница, се’ позачестени биле нервните заболувања. Тоа можело да се заклучи и по бројот на душевно болните. Властите во близината на градот стационирале Душевна болница, во која постојано се барало кревет повеќе. Убиството го извршил капелникот Мојне Апески. Диригентот бил познат по изострениот слух. Имал толку изострен слух, или како што би рекле Бугарите, јака музичка памет, што можел и на најситниот звук во природата да му најде место на тонската скала. Поради тоа граѓаните му забиле и прекар Тенкото Уше. Така Мојне Апески станал познат како Мојне-Тенкото Уше. Во хорот на Мојне, поради неговиот истенчен слух, малкумина се чуствувале пријатно и сигурно. Мојне ги ловел фалшивите тонови како муви во лет. Секогаш кога ќе слушнел како некој фалшира, го брчкал челото, ги соединувал веѓите и фрлал искри од очите. Го вадел фалш пејачот напред пред хористите и со остар тон го известувал дека повеќе нема потреба од него. Не бил тактичен, им говорел и пофалби и грдотии на луѓето директно в лице. Да имаш тенко уше, колку што е дарба од Господа, толку е и прокуда. Тенкото Уште го слушал и она што не е изговорено, односно што не е отпеано, или отсвирено. Еден ден Мојне-Тенкото Уше дошол доволно расположен пробата на градскиот хор да протече на задоволство на сите членови во него. Почетокот покажувал дека ќе биде незаборавна проба на градскиот хор. И била. Но, токму кога Тенкото Уше мислел дека на хористите по пеење и ангелите ќе им позавидат, слушна фалш. Фалшливата нота доаѓала од хористот за кого Тенкото Уште имал само пофални зборови. Го набрчкал челото, ги споил веѓите, почнал да фрла искри од очите. Го извадил пред целиот хор и почнал да го дави. За беља слабодушниот хорски пејач Коце Коце испуштил душа додека да речеш бричка. Кога Тенкото Уше видел што направил, си ги собрал нотите од пултот и си ја здувнал. Никој повеќе не го видел. Останал убиецот не казнет. По три-четири години од тој немил настан, во градот близу северната граница на државичето се доселил рускиот емигрант, белогардеецот Сергеј Сергреев. Висок стасит маж. Вистински господин. Човек од високото друштво. Човек што не можел да се сложи со обединувањето на пролетерите од сиот свет. На градските власти им се претставил како професор по географија. За негова среќа во тогашната гимназија, токму било испразнето местото професор по географија. Рускиот емигрант, великиот господин, веднаш почнал со едукација на младината, на гимназистите. Станал омилен професор на сите ученици во гимназијата, дури и на оние на кои не им предавал. Градот бил мал, па сите слушнале за рускиот емигрант, професорот по географија, Сергеј Сергреев. Станал омилена и ценета личност не само на градските власти, туку на сите што живееле во малото гратче, дури и на оние што не знаеле што значи тоа географија, уште помалку што значи да си професор по географија. Како што е редот, омилените личности, се оние кои седат секогаш во првите редови на свеченостите по било каков повод. Сергеј Сергреев добивал покани за имендените на градските познати личности, за родендените, за црковните слави, за театарските претстави, па и за концертите на градскиот хор. Капел-мајсторот на градскиот хор имал посебна почит кон рускиот емигрант во кој гледал високо култивирана личност. Дури барал да присуствува и на пробите на градскиот хор. Ете тоа била најголемата грешка. Тоа што диригентот на градскиот хор ја имал големата почит кон рускиот емигрант. Тоа го навело Сергеј Сергреев, несакајќи да ја фрли бомбата, односно да си го открие идентитетот. Седејќи така на проба на градскиот хор, слушнал како некој од хористите пее фалш. Го збрчкал челото, ги споил веѓите, а од очите почнале да му летаат искри. Се нафрлил на хористот што пее фалш, го извадил пред хорот и почнал да го дави…

Набргу дошла полицијата и виновникот за смртта на хористот Коце Коце, бил приведен. Инспекторот што му ставил крај на четри-пет години отворениот случај, рекол: „Сокриената бомба не останува долго сокриена!“